
Натпреварот „Кажи нешто“ покажа дека во Македонија постојат голем број на креативни млади кои имаат желба да се изразат на интернет просторот на различни теми, и тоа да го споделуваат со интернет заедницата. Можност на блог да го искажат своето мислење, да дебатираат, да се едуцираат, да разменуваат искуства и да ги развиваат своите потенцијали. Заклучокот на жирото е дека доколку на младите им се даде шанса, тие можат со своите размислувања да влијаат на јавното мислење, да бидат активни партиципанти во јавниот живот и да придонесуваат кон поттикнување на креативните потенцијали на сите останати. Блогот е можност за искажување на различно мислење, за слобода на изразувањето, во една поинаква форма, според инспирацијата на секој поединец.
На настанот г-ѓа Радмила Јонческа, директор на Фондацијата е-Македонија ја објави одлуката на петочленото жири во состав: Антонио Николоски – Фондација е-Македонија, Дарко Булдиоски – Newmedia, Дејан Трајкоски – новинар во дневниот весник Вечер, Јасмина А. Чашуле – проектен координатор на Кажи Нешто.
Прво награден е блогот AppLand од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, на Митко Ѓорѓиевски, Ѓорѓи Белевски, Крсте Тодоров, Душко Клинчаров и Горан Митров. http://appland.dobridaskalov.edu.mk
Жирито одлучи дека наместо второ и трето место, ќе додели две втори места на Capturing chapters на Милка Манева и Марија Кариланова од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес http://capturingchapters.tumblr.com/ и блогот„Твое време“ на Ивана Карова од гимназијата „Гошо Викентиев" од Кочани. http://tvoevreme.blogspot.com/
На настанот учествуваа преку 200 ученици и наставници од цела Македонија, кои изминативе 5 месеци активно работеа на своите блогови.
Првиот дел од настанот беше исполнет со пет дискусии на тема: Онлајн уметност, Социјални медиуми, Како да преживее вашиот бренд онлајн, Дигитална писменост, Rock n Roll, Blog n Troll.
Во вториот дел, музичката група Пеперминт ги забавуваше сите присутни на платото пред МКЦ.
Натпреварот во блогирање за сите средношколци „Кажи нешто“ почна на 24 декември и траеше до 30 април, 2014 година и имаше за цел да ги поттикне младите луѓе во Македонија да ги употребуваат новите информатички технологии на практичен начин и да се изразат креативно преку музика, видео, фотографија или пишување.